Мимоза Несторова Томиќ

Мимоза Несторова Томиќ е архитект и урбанист. Родена во Струга во 1929 г., архитектонското образование го завршила на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград. По дипломирањето се вработила во Институтот за народна архитектура при Техничкиот факултет во Скопје, а во 1954 г. била избрана за асистент на предметот Проектирање на станбени згради.

По земјотресот во 1963 г., била поканета во тимот за изработка на Основниот урбанистички план за градот Скопје, како надворешен соработник на Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје. Во 1965 год. се вработила во Заводот како самостоен проектант и раководител, каде од 1986 г. сѐ до пензионирањето во 1989 г. била директор.

За својот придонес во македонската архитектура, во 1973 г. била наградена со наградата „13 Ноември“ доделена за градбата Музеи на Македонија, а во 2011 г. ја добила наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.