Василка Ладинска

Василка Ладинска е родена во 1928 г. во Куманово. Архитектонското образование го завршила на Архитектонскиот факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирала во 1954 г., во класата на проф. Милан Злоковиќ. По дипломирањето една година работела во ГП „Дебарце“ во Скопје, а потоа се вработила во Заводот за урбанизам и архитектура, кој во 1957 г. е трансформиран во Завод за станбена изградба на скопската околија. Од 1961 г. сѐ до пензионирањето во 1987 г., работела во „Македонијапроект“.

За својот придонес во македонската архитектура Василка Ладинска е повеќекратно наградувана: во 1975 г. со наградата „13 Ноември“ за кули во населбата „Јане Сандански“, во 1983 и 1987 г. со специјална награда на Биеналето на македонска архитектура (БИМАС), а во 2005 г. ја добила наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.